ВЕЛИГДЕН – Радост и верба во животот

ВЕЛИГДЕН – Радост и верба во животот

По седумнеделните пости со кои се прочистува и душата и телото и со кој Христијаните се сообразуваат со подвигот на Господ, кој во пустината постел 49 дена следува најголемиот Христијански празник Христовото Воскресение – Велигден. Симбол на Велигден е вапцаното јајце. Тоа претставува симбол на љубовта, наоѓа место во детската игра, а според некој верувања заштитува од лоши духови.

Јајцето претставува симбол на плодноста и означува вечен живот. Според Христијанското верување, јајцето е симбол на Исус Христос и воскреснувањето, а црвената боја, Исусовата крв, ја означува победата на животот над смртта. Во минатото, јајцата се вапцале со она што природата го нудела-црвен кромид, кора од дрво, варени темјанушки, магдонос и сл. Кај народот постои верување дека јајцата кои домаќинката ќе ги вапца на Велики Четврток пред изгрејсонце, не се расипуваат до следниот Велигден.

За јајцето кое прво ќе биде вапцано, се верува дека е Господово и дека има посебна моќ. Со тоа јајце, домаќинката ги допира децата по образите велејќи „Црвено, бело, дебело, здраво како железо“.

Покрај првото Господово, пред изгрејсонце се вапцуваат онолку јајца колку што фамилијата брои членови.

Едно од тие јајца, во сабота, мајката го става во водата во која ги капе децата за чисти да го дочекаат големиот ден. Утрото на Велигден, целото семејство оди на служба во Црква, по што започнува празнувањето во домот и во кругот на семејството.

Во текот на целиот ден доаѓаат деца во посета да го честитаат празникот и тие се даруваат со јајца.

Покрај Велигденските јајца, како симбол на празникот и самата трпеза треба да биде во празнично руво. Се подготвуваат јадења од јајца, се користат креативни дизајнерски идеи и сл. Велигденското јагне подготвено на најразличен начин е неодминлив дел од свечениот семеен ручек. По ручекот, вообичаено е помладите да одат кај повозрасните за да го честитаат празникот.

Христос Воскресе – Вистина Воскресе! За радост, за среќа, за многу години. – се вообичаените зборови кои многу значат во Христијанството.

ТРАДИЦИЈА, КВАЛИТЕТ И ДОВЕРБА
ДПТУ ПАЛЕТА 7 дооел
ул. Живко Фирфов бр. 49
1000 Скопје, Македонија
Тел/Факс: +389 2 2793 087
Моб: +389 78 266 585; +389 78 266 585
Е-маил: info@paleta7.com