ВЕЛИГДЕНСКО ЈАЈЦЕ
Јајцето е најпопуларниот симбол на најсветлиот Христијански празник. Традиционално пред Велигден, во секој дом се бојадисуваат јајца кои го симболизираат воскреснувањето и почетокот на нов живот. Тоа е еден од најубавите и највеселите православни обичаи кој се негува до ден денес.
ШТО СИМБОЛИЗИРА ВЕЛИГДЕНСКОТО ЈАЈЦЕ?
Јајцето отсекогаш се сметало за симбол на повторното раѓање и се поврзувало со оживувањето на природата. Во многу култури јајцето се сврзува и со плодноста, а во минатото постоеле верувања дека целиот универзум е создаден од едно џиновско јајце. Се смета дека ова сфаќање произлегува од латинската поговорка “Omne vivum ex ovo” што во превод значи “Целиот живот потекнува од јајце”. Во Христијанството велигденското јајце го симболизира Христосовото Воскресение. Тврдата лушпа на јајцето го претставува гробот на Исус, а кршењето на јајцата го симболизира воскреснувањето од мртвите. Затоа, кога некому подаруваме Велигденско јајце, ние го поздравуваме со зборовите “Христос Воскресна”. За Велигден традиционално јајцата се бојадисуваат и декорираат.
ЗОШТО ПРВОТО ЈАЈЦЕ ТРЕБА ДА БИДЕ ЦРВЕНО?
Црвената боја ја симболизира пролеаната крв на Исус за спасение на луѓето на земјата, а воедно претставува и победа, здравје, оптимизам и љубов. Постојат многу легенди кои објаснуваат кое е значењето на црвеното јајце и зошто токму тоа има најголема моќ. Според една од нив, кога Марија Магдалена го видела Исус по неговото воскреснување, таа со себе носела кошница со јајца за да им раздаде на другите жени. Во моментот кога го здогледала, тие се обоиле во совршена црвена боја. Според друга легенда, додека Исус бил распнат, во подножјето на крстот дошла кокошка и снесла јајце. Крвта која течела од телото на Исус го обоила јајцето во црвена боја. Затоа, првото јајце треба да биде во црвена боја за да ја симболизира Исусовата крв пролеана на крстот.
ЗОШТО СИ ПОДАРУВАМЕ ЈАЈЦА ЗА ВЕЛИГДЕН?
Подарувањето јајца потекнува од библиски настан. Се смета дека по смртта на Исус, Марија Магдалена тргнала во Рим за да го проповеда евангелието. Кога се сретнала со римскиот император Тибериј, таа му подарила јајце и го поздравила со зборовите “Христос Воскресна”. Додека му раскажувала за Христовото Воскресение, императорот се насмеал и рекол дека враќањето на Исус од мртвите е исто толку невозможно колку и белото јајце во нејзината рака да се претвори во црвено. Пред да заврши со говорот, јајцето во раката на Марија Магдалена се обоило во светло црвена боја. Оттаму потекнува традицијата христијаните да си подаруваат велигденски јајца пред да се поздрават со зборовите “Христос воскресна”.
ЗОШТО СЕ КРШИМЕ СО ЈАЈЦА ЗА ВЕЛИГДЕН?
На Велигден сите се кршат со Велигденски јајца, а “победува” оној во кого ќе остане здравото јајце. Според народните верувања, него ќе го следи здравје во годината која доаѓа. Кршењето на јајцата го симболизира воскреснувањето на Исус од мртвите. Како што Исусовиот гроб се отворил кога тој воскреснал, за да го најави новиот живот, така и јајцето се крши кога од него излегува нов живот. Кога се кршиме со јајцата, ние всушност го означуваме и се потсетуваме на воскреснувањето на Исус Христос. За Велигден се вели дека е празник над празниците, ден кога Исус ја докажал својата божествена сила и моќ. Поканете го духовниот мир и полни со радост прославете го Христосовото воскресение.